Гркофобија, бугарофобија, албанофобија и македонољупство
Не сум гркофоб. Не сум ни бугарофоб. Не сум ни гркофил. Ниту пак бугарофил. Ни албанофоб, србофоб, кроатофоб, славофил, славофоб, пичкофоб, курофил, ниту италохит на антена 5. Јас сум нешто сосем ново, фобофоб, кој знае дека човечкиот живот има висока цена со мал профит. Алтруист? Можеби. Едноставно ги мразам војните. Не сакам да си скратам ни 5 минути од моето време мразејќи го комшијата или сакајќи го соседот. И двајцата ми се исто. И двајцата се луѓе кои дошле на ист начин како и јас и кои ќе завршат на истото место каде и јас. Не сакам да размислувам за тоа дека нема да купувам во Веро ниту пак дека ќе го преферирам Макпетрол. Колку само Македонци работат во Веро?? Колку мина Македонци работат во текстилните фабрики во сопственост на Грци? (неоспорна е злоупотребата на трудот на овие работници, но тоа е друга дискусија). Тотален апсурд. Нема да се двоумам да изберам некој жежок грчки остров наместо глупавиот, досаден, скап и арогантен Охрид. Тоа што нивните политичари им ги наполниле главите со фасада за тоа дека Македонците се злобните вештери е нивен интерен и политички проблем. Можеби оваа година ќе одам на друго место на одмор, пошто и девојка ми ја има фатено истото лудило за се-грчко бојкотирање. Но ако го погледнете ова ќе видите зошто[updated] Грција како наш северен јужен сосед е прекрасна земја и зошто на моите деца нема да им кажам да не одат на одмор во Грција каде ќе се љубат со љубените додека морето мирно плиска на плажата на Bucabar.

Мислам дека ние обичните луѓе премногу се замараме со тоа да направиме фобија кон Грците. Исто како што Американците правеа општонародна фобија со тероризмот, исто како што Грчките (ква-ква-ултра-квази) медиуми прават анти-пропаганда против северниот сосед, а нашите (ква-ква-убер-квази) медиуми упорно загризуваат. Една работа е јасна, што и да правиме ние, колку и да не одиме во Веро, колку и да не тураме нафта од Окта или пак да бојкотираме летување во Грција, политиката ќе биде скроена (ауф како ова звучи клише) како што некој друг сака. Чист пример, јас не сакам да влеземе во НАТО, но ќе влеземе и јас како обичен граѓанин нема да бидам прашан. Ќе бидам одебен. Истото ќе се деси и со Грците кои се џигер-сини во градите од тупање со тоа што се Грци кои живеат во Македонија (реф: територија). Нашите животи вака или така ќе продолжат, ќе дојде уште една Нова Година или еве..Велигден и пак ќе одиме во Веро. Што треба тие од помалите средини (Битола here), да се жалат дека СЕ е во Скопје и да спамираат по мрежава да не одиме во Тинекс?? Морбидно.
За крај, не сакам многу политика. Се обидов да сум патриот кога бев во Бугарија на студии и кога видов дека интелектот таму не се замара со тоа како јас се чувствувам. Таксистите да, провоцираа и јас бев вознемирен. Истото се случуваше и во Грција, кога ќе им кажев дека сум од Македонија..некои ќе речеа „Аха Скопје“ на што одговарав “Охи, Битола..“
Дури еден тип рече дека неговиот дедо го зборал мојот јазик. И што требаше да речам јас „Ееееееее виде, таа Македонија е наша, затоа дедо ти зборува македонски, ај сега фино лепо врати ми ја!“. Патриотот во мене кој во форма на националист или фашист кој плукаше по се немакедонско умре. И сум среќен поради тоа. Пошто сега не ширам националистички смрад! Пробајте да го сузбиете створањето омраза кон другите луѓе. Да, и во Грција има невини луѓе шо се плашат да дојдат во Македонија пошто некој наш неонацист ќе им ја ичкрта колата со спреј.
Забелешка: Последниот Гемиџија, Павел Шатев, почина во друштво на пра-дедо ми. Бастунот на анархистот сѐ уште е во куќата на мојот вујко (како што имам кажано многупати). Шатев бомбардираше бродови, тогаш кога падна Гвадалкивир, но тоа не го правеше за да докаже колкави муда има и дека е Македонец, туку го правеше за да каже дека размислува различно од другите. Не црташе мапи и знамиња, туку работеше. Нешто како рана фаза на „A little less conversation, a little more action please“
Не сум гркофоб. Туку сум гркофил на убави гркињи
A phobia (from Greek: φόβος, phobos, “fear”), is an irrational, intense, persistent fear of certain situations, activities, things, or persons.






wtf?
Браво, капка разум во море на лудило.
Патриотизам е сакање на своето, не мрзење на туѓото. Тоа е филозофија на љубов, а не на омраза. Кај некои збунети луѓе тие поими се измешани, оттаму и многу недоразбирања.
Ние треба да најдеме начин како да живееме во мир и слога со соседите. Но само под еден услов, од кој не смее да се отстапи: како ЕДНАКВИ. Е, тука е борбата на некои, и би било фино да не се ставаат во ист кош со ксенофобите.
Супер.
Па ај да се откажеме од помислата дека ние некако може да си влијаеме на нашите животи и на она што се случува околу нас и да почнеме ко дронови да живееме, што ќе ни се сервира да го лапнеме и гајле да не ни е дали е отровно. Глупости на куб.
Ок, шо предлагаш тогаш да правиме?
Револуција! Ама нема со кој.
Пеер, општествена револуција бидна одамна. Сега револуција значи војна.
„Патриотизам е сакање на своето“ … своето за мене е семејството и некој круг на пријатели… своето не е баш државата или некоја си таму нација/етникум ватевер.
Одлично, трезно и рационално. Вакви работи ни се потребни, а не квази-патриотизам, национализам и сите други негативности.
Браво!
Ах … се спремаме за одмор во Грција, па рационализираме?
Хехе
Не, оваа година ќе одам Египет или Италија.
Поздрав