Денес ја анализирав песната Премин или Pass over на Енестејжа…Анастасиа, од саундтракот на Пред Дождот. Можам аргументирано да тврдам дека се работи за мистично духовно искуство индуцирано од халуциногена супстанца „лисерџик ејсид диетиламид“, познат и како LSD (Lysergic acid diethylamide). Од самиот почеток се препознаваат фазите на LSD трип, па се до крајот. Можноста за индуцирани халуцинации од мускарински или псилоцибински печурки ја исклучувам поради неколку причини кои ќе бидат споменати. Песната се отвора со јасна и концизна констатација:
Стојам, да не би достојал, пред не знам чија порта
Ова е делот кога киселнината почнува да делува на нервните завршетоци на мозокот, очигледно конзументот несвесен дека тоа се случува ни кажува дека не знае каде се наоѓа, несвесен дека тоа е влезот вотрипот, т.е. таа „нечија порта“. Во еден момент се гледа желбата да се ослободи од тоа чувство сакајќи да се откаже „да не би достојал“, и да се врати во нормална состојба на умот.
И пак проверувам, буден сум ил сонувам,
созерцувам или прелестувам, кој ѓавол ќе го знае…
Ова е еден битен елемент во текстот кој ни кажува дека авторот кој ја пишува песната е личност со библиско-духовна природа која во моментот на искусување на трипот се обидува да сфати дали е буден или сонува, префрлајќи му ја вината за тоа на ѓаволот, затоа што тој секогаш е виновен за сѐ. Забележете го делот „созерцувам или прелестувам“. Изрази кои во богатиот речник на авторот едноставно излетуваат од длабочините на несвесното во моментот кога тоа е најпотребно.
Духовното искуство на ова халуциногено патување ги става своите темели во моментот кога почнува потрагата по „него“, по тој кој овде некогаш одеше:
И барам знак, траги од страдање,
дали е ова земјата по која тој некогаш одеше
Во тој момент авторот не е сигурен во нечовечноста на луѓето, се прашува дали навистина е можно да го убијат оној кој ги изведе од пустина и кој им ја понуди водата како заситување на нивната жед за вера. Преку овој текст:
навистина ли го убија, оној што ги избра,
што ги изведе низ пустина
..започнува фазата на трипот која може да се опише како параноја. Поставување прашања за кои очигледно во нормалниот свет нема одговор, а веројатно остануваат исто толку реторички и во самиот трип.
зошто стојам скаменет и немам таква сила?
не верувам ли доволно или неточно сум сфатил?
од каде тие сомнежи, од каде тој страв?
дали ќе ми отвори, дали ќе ме прими внатре?
Преку горниве стихови завршуваа таа фаза на параноја и започнува фазата на т.н. шилци, кога авторот наеднаш го здогледува одговорт и утехата:
и оној од кого сум нема да дозволи,
оној што ме возљуби, нема да ме остави сам среде шума густа од раце што ме грабаат
Фазата на шилци ни укажува на тоа дека одговорот е како мека болка во разумот на авторот која ослободува опиумски пептиди во организмот кои му даваат чувство на благо уживање непосредно пред да започне еуфоријата на трипот. Навестување за тоа дека авторот во еден момент забегал со размислувањето во трипот и се поистоветува со личност како Мојсеј или Исус е завршниот стих на првиот дел на трипот (вториот дел се еуфоријата и климаксот):
о Боже, Господи, слава тебје..
Ова е многу интересен трип со оглед на тоа што еуфоријата и кулминацијата започнуваат во еден ист момент. Тоа и ни кажува дека се работи за хемиска (синтетичка) супстанца која умерено го достигнува пикот заедно во самиот почеток на еуфоријата, почетокот на еуфоријата е и кулминација и после тоа се случува климаксот. Во моментот кога авторот почнува да „здогледува“ кедри и киприси разгранети, палми и калинки:
како кедар разгранат, како киприс издигнат.
како палма в градина, калинка во .?.?.
како смирна мирисав, трендафил во иерихон,
како сјајна маслина, покрај сини мориња,
како мермер планина, среде поле вкотвена.
Климаксот речиси не може да се забележи со оглед на тоа што во истиот момент кога се случува, авторот се враќа на првобитната состојба кога трипот започна, пред непознатите порти кои сака да му бидат отворени за да му принесе слава него, на Бог.
Во моменти кога во музиката се слуша кавалче во самата кулминација на песната може да се запрашаме дали и самиот дувач на кавалче во бендот е под некое дејство, па толку добро легна тој сегмент во песната, но се може да биде адаптирано во однос на трипот на авторот на текстот. Што би се рекло, „LSD адаптирана композиција“.