Длабината
Инцидентот со пченката
Божем полека се освестуваше од болката што го нокаутираше претходната квечерина. Посака да рипне од креветот. Го виде младиот ќос човек како нешто чепка на својот застарен сметач со фибер процесорско јадро. Му се допадна храната што ја изеде веднаш по пробудувањето.
- „Што правиш?“ - праш Божем.
- „Се најаде ли?“
- „Да. Што правиш?“
- „Се трудам да го завршам увидот на кој работам. Знаеш, заработувам за живот“.
Балиџи работеше како супер хај тек (superhi-tech) синтаксички валидатор на код напишан за системски платформи кои беа актуелни во тоа време. Кога на богомолка му споменете развиена технолошка направа, таа веднаш може да добие погрешен впечаток за вас и да премине кон избегнување и целосно уништување на желбата да дискутира со вас. Балиџи тоа не го сакаше. Тој беше скромен, мрсен и забраден човек кој до пред извесно време својата иднина ја гледаше во создавањето легислативен нувер, но откако дел од компаниите за кои тој работеше како хонорарец ги отпуштија своите вработени бидејќи беа купени од Aposoft и целосно ја елиминираа заедницата што поддржуваше еден тип идеологија, тој прејде кон сувопарна работа која може да му донесе илјадници торали со кои ќе може да го плати престојот во коцката во која живееше и овозможи еднаш или двапати годишно да замине на патување во некоја од соседните земји или еднаш во две години да купи некој нов технолошки уред на што обраќаше особено внимание и посветуваше исто толку дел од неговата среќа.
- „Сметачи. Калкулатори. Халогенизација…“ - извика Божем со интонација иста како кога веќе истребеното племе Амиши видеше соларен уред од XXI век.
- „Како што реков…живот“. - се обиде да се оправда Балиџи.
- „Која е твојата цел во животот?“
- „Хех…“
- „Нашиот добар молски водач, цела слава за неговата жива свест, Гогх, често вели дека ние ја знаеме целта длабоко во нашата потсвест. Само ја потиснуваме со желби кои сакаме да бидат такви какви што се. Парареалност. Лажна реалност создадена од нашиот ум. Си чул ли за случајот со детето и пченката?“
- „Читав нешто…“ - незаинтересирано рече Балиџи.
- „Е да. Тој беше млад човек. Цела слава за неговата жива свест. Како млад човек спремен за авантури и желен за учење, сонил сон. Во сонот го видел својот правнук како му нуди кочанка со големи зрна пченка. Кога се обиде да ја земе, правнукот одбил. Наместо тоа тој одмавнал со раката и по залетот на видик му открил широко поле посадено со родна пченка која требало да му припадне него. Младичот не сакал да чуе, не сакал да биде фармер, бидејќи многумина фармерите ги сметаат за прости селски личности со закоравени сфаќања. Минале денови. Речиси и да го заборавил сонот, кога го повикале на ручек кај фамилијата на неговата нова девојка. Таткото на девојката после обилниот ручек од кујната зел длабока чинија полна со пресно сварена крупна пченка. Младичот ја видел. Кога таткото се обидел да касни еден гриз од кочанката пченка, тој се фрлил врз него и почнал да се бори извикувајќи дека целата пченка во светот е негова. Гризел лакомо, не знаел зошто го прави тоа, потсвеста проработила, едно дебело зрно во гризот ја оддели својата лушпа во неговата уста која несакајќи заминала во неговиот дишник. Починал 3 минути покасно. Трагедија и страм. Го прогласиле за ментален случај.“
- „Од која важност е тоа што ми го раскажа…“ - нешто позаинтересирано праша Балиџи.
- „Во модерната молска литература оваа приказна се сместува во книгата со наслов Техија, од голема важност е потиснатиот спомен перципиран од искуството кој нам не ни се допаѓа“.
- „Пострашен беше инцидентот во рајот“.
- „Што си потиснал момче?“ - рече Божем со лице кое сакаше да помогне.
- „Абре ништо!“.
- „Одтисни! Која е твојата цел?“
- „Умре“. - одговори тивко Балиџи.
- „Умрела? Умре?“
- „Умре. Кога ја убија слободата…“ - рече Балиџи.
Погледот и половината од своето тело ги префрли во насока на мониторот од неговиот сметач. Се обиде да го смири и игнорира брзото чукање на срцето што предизвикуваше длабоко и брзо дишење. Продолжи да работи со лажна концентрација што кажуваше дека не сака веќе да зборува за тоа. Божем задоволно се насмевна, го постигна првиот резултат. Го одтисна Балиџи. „Ова ќе биде интересен случај“ - помисли..
Објавено на денешен ден:
- Мојот збор - 2007
- Лугола слакерманија - 2006





