Првично објавено на www.lugola.net.
Последно време во умерена доза се појавија одредени кочници кои на овој или оној, оправдан или неоправдан, лицемерен или искрен начин претставуваат пречка за она кое барем јас го имам замислено дека треба да се оствари со тоа што пред извесно време го започнав. Оваа содржина не ја објавувам во името на сите членови на Лугола, туку напротив, објавена е од мене, Александар Балаловски до сите членови на Лугола. Ова не е повик да доаѓате почесто на состаноци, да донирате средства за целите на групата или да користите IRC клиенти кои ќе ги задоволат вашите потреби за редовно доаѓање на IRC каналот на Лугола каде може да помагате на други корисници (#lugola на irc.freenode.org), ова е објава во која јас не прашувам, туку Ви кажувам.
Лугола се формира 2004та година. Постои речиси 3 години. Има направено повеќе од очигледни работи. Без да редам што се имаме сторено бидејќи тоа го имам направено повеќепати во други наврати, ќе споменам работи само кои треба да ги објавам и кои сакам да ги кажам.
Наведените „кочници“ не претставуваат проблем само за Лугола, туку и за целата заедница воопшто. Во 2006та Лугола имаше околу 50тина состаноци и многу многу активности. Сега по три години, предлагам нов концепт според кој групата ќе се координира. Состаноците се се помалку посетени. Пример денес беа дојдени 3ца+јас членови. Имавме супер муабет, дури зборувавме за конкретни идеи и активности. Но тоа не се бара од членови на група, што во минатото им помогнала нив. Оправдувањата може да се движат од разни психофизички состојби на членовите (болести, ова она…) па се до приватни обврски кои ги имаат. Сум ги имал и јас. Но сум ги имал и тогаш кога ме повикуваа да одам во нивните домови да им го средувам новиот систем, да им инсталирам софтвер и конфигурирам тоа што тие неможат. Состојбата сега покажува дека ретко кој е благодарен за тоа во групата, ретко кој сака да помогне да се афирмира нашата идеја и она што јас го започнав со 3-4ца други кои и сега ги нема (таквите слободно може да ги именувате како сакате). Политиката на делување се менува во неколку насоки. Една од нив е и донесувањето на одлуки. Донесувањето на одлуки до пред година и пол (септември 2005та) паѓаше врз мене. Јас одлучував што, како и со помош на уште 2-3ца други од заедницата, а и од Лугола правевме активности кои ја одржаа Лугола како суштински поддржувач на слободниот софтвер во регионов, а со тоа и во републикава. Ако денес требаше да се донесе одлука кога и каде да мигрираме со хостинг решенијата за новите хостинг услуги, тогаш таа одлука ќе пропаднеше во вода. Без никакво влевање страв кон членството или идеја дека некому се заканувам, објавувам дека сите одлуки кои треба да се донесат ќе бидат донесени директно од координаторот на групата, бидејќи состаноците не се доволно ефективни за да бидат основа за донесените одлуки. На тој начин олеснувам во неколку аспекти, меѓу кој и одговорноста за успехот или неуспехот на донесената одлука. Конкретен пример, ако побарам од некого да се изработи апликација за зачленување на членовите тоа сакам да се реализира во најбрз можен рок, поради квалитетот на она што Лугола го предлага - помош за корисниците на слободен софтвер.
Во врска со состаноците ја донесов следнава одлука. Состаноци ќе има секоја прва недела (недела, како име на ден во седмицата) од месецот. Така, сега следен состанок ќе има на 4ти Февруари 2007ма година. Продуктивноста и ефикасноста на состанокот ќе го регулирам со тоа што ќе се држиме строго до бонтонот на групата за кој дискутиравме пред нецела година и за кој сите се сложивме. Молбата за напуштање на канцеларијата на Лугола за време на состанок доколку поединка го спречува ефикасното одвивање на состанокот ќе биде земена во предвид и тоа земена во предвид во вистинска смисла на зборот, со сета почит кон сите членови.
Досега Лугола ве повикуваше да и помогнете. Сега работата е ваква: ако ви треба помош, обратете се во Лугола. Јас нема да бидам тој кој ќе ве праша бидејќи Лугола заслужува многу подобар однос од овој што го има сега. Ги молам сите членови кои не гледаат шанса да и помогнат на групата, кои мислат дека Лугола е градинка во која ќе може да исцрпуваат помош, совети и бесплатни материјали и GNU/Linux дистрибуции, кои мислат дека просториите на Лугола се кафуле во кое еднаш во неделата ќе може да поминат квалитетни 2 часа, повеќе да не се сметаат себеси ниту да се оквалификуваат како членови на групата. Ако ве има на листата на Лугола Инфо Центарот (со е-пошта што ја наведовте кога се пријавувавте), испратете порака до е-поштата на групата со содржина “Otstrani”. Тековниот буџет на групата е составен од средства кои Лугола ги доби на многу начини, меѓу кои и лични донации од некои од членовите. Ве повикувам, доколку тие средства не сакате да бидат искористени за целите на групата, а во скоро време сте донирале, да ми кажите во рок од 3 дена. Во спротивно ќе земам во предвид дека сите средства со кои Лугола располага може да се користат за целите на групата. Уште еден повик: доколку сакате да дадете донација за Лугола - направете го тоа во Аптека Софора (тоа е аптека на мојот брат), секој работен ден во периодот од 09.00-21.00ч.
Уште нешто, Викито на Лугола своите содржини ќе ги префрли во Македонската Википедија (http://mk.wikipedia.org), со оглед на тоа што никој не пројавува интерес за ажурирање на, во краен случај, вести кои самите тие ги објавиле таму. Тоа јас сам не можам да „го бркам“.
Следно што ќе биде направено од Лугола е тоа што ќе се префрлиме на хостинг решение кое ќе ги задоволи нашите потреби за 2 годишно опслужување и содржините од Викито на Лугола ќе ги префрлиме во mk.wikipedia.org во делот за кој соодветствуваат.
За сите новитети Лугола навремено ќе ве извести.
Секогаш искрен, вашиот омилен координатор,
Александар Балаловски