Archive for September, 2006

Од прав во RAM

И пак, што би правеле ние без Дамјан :)

Вчера се јави еден проблем. Искуство со хардверски проблеми немам. Не знам што може да предизвика што. На крај памет дека RAM-от може да свришти. При работа кога системот обавуваше повеќе од 1 операција, пример режење на ЦД и tar архивирање, работната околина или се замрзнуваше целосно, или ме одлогираше и носеше на KDM. Го проучував проблемот 2-3 дена, дијагностика ова она, и реков ај, најјача карика Дамјан. Вика провери RAM со memtest. Проверувам, 384 грешки јави во само првите 4 Pass-ови. Отворам куќиштето, кога ќе видам што ќе видам. Земја.

Цело лето беше отворено ради жештините и тоа си голташе, голташе, голташе…за малку ќе ми рикнеше или кулерот или RAM-от. Среќа, исчистив се, сега се е ок. Поента: Не го оставајте отворено куќиштето :( Фала Дамјанчо…

Мир - е пораката!

Нека и го кажат тоа на слепата машинерија зад Буш која убива невини деца. Мој удел во оваа кампања е мала илустрација на тоа што го прави САД во светот особено врз малите Нас:

Софтверска адолесценција

1. Вовед

Денес се напив вода. Водата стигнува од Стрежево. За водата не ми наплаќаат. Водовод ми наплаќа за преносот на водата до мојата металик чешма. Пишувам код. Кодот е C++. За кодот не ви наплаќам. За администрирањето ќе ви наплатам. Ќе ви наплатам и за пакувањето, и за документацијата, и за редица други нишани што ќе му ги залепам на софтверот. Имам и други идеи, но за тоа, потоа, за да не ви звучам чудно тој дел ќе го скокнам (впрочем тоа е и друга тема за мојот принцип за заработка во нашата област). Софтверот ќе остане слободен. Јас ќе направам пари за преживување.

Ако пратите што се случува во заедницата на слободен софтвер во светот, нема многу да забележите. Бидејќи се случува толку многу, се ќе ви оди пред очи како на филмска лента. И ќе се осетите дека гадно сте се заебале што сте се насочиле кон информатичката технологија во насоката на слободниот софтвер. Ќе осетите агонија која ќе ве гони се додека не направите поистоветување со науката Информатика и вашиот глушец. Тоа не оди заедно. Впрочем на Информатиката не му ни треба сметач. На бајтот му треба само различен напон. Сметачот е направата што го овозможува тоа. По подолго трагање во светот на Информатиката и осознавање на некои нејзини површински вредности сфатив дека проклетството на таа наука е стереотипот на луѓето што запнале да се бават со неа. Таа наука е една од најдосадните и најглупавите науки на светот. Веројатно кога би можел да се родам пак и да свесно да избирам, нема во ниту еден случај да изберам да се бавам со Информатичка технологија. Ќе речите, зошто тогаш сум инволвиран во таква дејност? Има две објаснувања.

Првото лежи во фактот што веќе имам 23 години, зад мене стои некое знаење што го изградив во текот на минатите години кога сум соработувал и добивал совети од професионалци, и тоа професионалци не од типот на Ситник и Шкафот (надиме), туку лица кои ме советувале и подучувале и несебично го споделиле знаењето со мене. Тоа се разбира 60% се професионалци од нашата заедница на слободен софтвер. Не сакам да споменувам имиња или псевдоними, за да не направам хиерархија на луѓето што ми помогнале, ги има повеќе. Баш тие лица се дел од моето чувство да се биде горд што сум дел од нашата заедница која се помалку и помалку е активна (сега замислете Лугола да не постоеше). (во контекст во ова и следнава изјава: Чудна појава се случува во Скопје. Луѓето се вработија и заборавија на се. Каде е Ристе, Владо, Глиша, Илин, Стојмир? Каде е планетата, жива како порано? Каде е желбата да се сменат работите како порано? Не дека жарот згасна, само распалете го.).

Второто лежи во фактот што јас иако ја сметам ИТ за глупава појава, јас ја сакам. Колку и да звучи тоа чудно, можам да се потпрам на мојата желба да програмирам. Конкретно на програмирањето. Се осеќам прекрасно. И тоа не откако ќе го направам нештото туку за време на работењето. Веројатно сега произлегува и целата уметност на програмирањето што ја имам замислено и прифатено како иде(ологија)ја, да се програмира со задоволство и кога тоа стило за задоволство ќе биде задоволено, да не се мисли на резултатот. Едноставно дај го на заедницата. Како до пари? Прочитајте го воведот од почеток, само немојте тука рекурзивно да се враќате на почетокот.

2. Дај ми, дај ми жити се…

Видете две работи. Ако сте Delphi или Visual Basic програмер, скокнете…море баталете го целово четиво. Овде не зборувам за Латински јазик, туку за некое есперанто кое не е мртво, а допрва почнува да живее барем кај нас. И ако желбата за дискусија и сфаќање на тоа што сакам да го кажам ви е потопена со вашето егоцентрично видување на работите низ призмата на парите и робувањето, исто така баталете се. Вратете се во вашиот so-called живот и умирајте во коњски маки да направите пари за да ги потрошите на следниот iPod или познат psychedelic minimal maximal hard tech techno house alternative диџеј.

Пред некое време дадов една интересна дефиниција за работата на големите компании каде работат безброј програмери. Кој од кој поквалитетен. Направиле програмски јазици, имплементирале тешки алгоритми, се развеле, напишале оперативни системи, кернели на системите, ги заборавиле децата, развиле нови Web технологии и слично. Епа програмерите се такви. Ограничени. Немаат време да читаат книги од типот на „Името на розата“ затоа што за тоа време ќе прочитаат за многу подруги визии на други умови. Тоа е губење време. Програмерите не се смеат и пристапот кон нив е максимално внимателен. Да не го скршиме кристалното раче на „тато“ што по цел ден не се одлепил од компјутерот. Е НЕ Е ТАКА! Тоа е стереотип за кој може да се напише и книга. Дефиницијата за која почнав да зборувам е следнава: Програмирањето најчесто претставува делување слично на делувањето на носителите на робовладателското општество во кое се задоволуваат потребите на други лица, а пристапот кон добивањето на производ го прави сосема трето лице. Зошто споредба со робовладателско општество? Во фирмата ретко кој ќе ве праша како ќе биде нештото подобро. Веројатно би сакале да го чујат вашето мислење но одлуката е нивна. Вие само ќе му ги реализирате желбите и нема да осетите задоволство од тоа што го работите. Ќе правите софтвер за наводнување во сојузната држава Пенсакола и ќе одите дома да спиете. Ќе станите, па нема да спиете, па ќе легните да спиете. Каде е вашиот производ? Вистина, ги прашувам програмерите што програмираат во нашите фирми по цел ден и цела ноќ, дали се осеќате исполнети кога ја работите вашата работа? Дали сте осеќата како програмери? И каде е вашиот производ? Да го видиме.

Потоа доаѓаме до терминиот Outsourcing. Како да го преведеме? Хрм…„Странски извор“ Странски MuddaFucker? Не, барем во овој текст не, сега ќе го оквалификуваме како странски извор (СИ). Ќе работите за потребите на некои други фирми. Сето тоа е во ред. Да, го прифаќам СИ како начин на заработка и од друга страна користење на ефтина работна рака, со тоа што средствата за да го плаќаат еден програмер во странство (кај нив), ќе платат 5 кај нас. И ќе бидат задоволни. Голема е веројатноста и јас самиот во иднина да го прифатам СИ како начин на заработка, но ќе покаже времето. Иако на нашите фирми/корисници/побарувачи им треба многу подобар софтвер од обичните клиперски апликации и пред се затворени/неслободни кодови, постои можност да работам за потребите на СИ за кој конкретно имам сознанија дека би им требале C/C++/Qt програмери од (нивно) странство. Македонија е идеална за тоа. Признавам дека СИ е поистоветување со она што го опишав во претходниот пасус, но тука има една генерална идеја која ми е поттик да програмирам. Тоа е принципот на давање на софтверот изработен лично од мене (сега зборувам во прво лице, во иднина може да зборувам како за фирма), како слободен. Тоа што ќе го правам јас ќе оди слободно. Ќе има пакување, ќе има документација и сл. Но тоа што ќе го побара друг, робовски ќе му го изработам и испратам. Ви се допаѓа? Не! Ај уште 2 вечери пред Dell 17“, а сега? Да! Супер. Дајте парите. За да кружат тие пари мора да се даде некоја жртва. Таа жртва може да биде доброволен прилог во некоја институција, организација или индивидуа. Дел од парите за нив/неа. Така ќе се вртат парите и ќе може да стигнат пак кај мене. Дел настрана, дел за мене, па пак дел за друг. Со тоа не викам да донирате на МПЦ и слични политички партии, туку на здруженија на кои им требаат средства. Јавно ветување може да биде и следново: Јас кога би имал средства за донации, прво би ја помогнал нашата заедница на слободен софтвер. Зошто? Оти така сакам.

Во светот сите бараат и добиваат. Компјутер од HP, од Sun Microsystems, од IBM, па машини од Dell, па печатачи од Xerox и компанија. Што добиваат кај нас индивидуалните програмери? Ништо. Ако го дадат софтверот како слободен, ќе имаат можност да нивниот код биде виден од други „ѕверки“ кои ќе покажат желба да го помогнат проектот. Инаку, како ќе може да помогнат затворен проект. Лично и јас, во таква ситуација би си рекол дека зад проект кој презентира неслободен софтвер стои голем човек, со тежок капитал и пазар. Не би помогнал таква крастава жаба која само штети на Информатичката технологија. Напротив, кога би можел би им ја покажал вратата за во сервисот на AMC, па нека склопува хардвер.

3. Пробај па зборувај

Ако не пробаш нема да знаеш. Има една изрека која одговара на темава но нема да ја кажам заради вулгарноста што ја носи. Нешто е шо „сакаш да се, неќиш влези“, па заклучете сами. Значи како би знаеле дали јаболкото е златен делишес? По амбалажата. Се разбира, дека не! Ќе го вкусите и ќе видите дали е делишес или е јонатан. Не е тешко. Така и со софтверот. Ќе го користите за да видите дали ви одговара или не. Дали софтверот е добар или лош. Исто како што и јас некогаш зборувам толку лошо за фрејмворк од типот на Delphi и Visual Basic, а не совршено ги познава (не велам дека не ги познавам воопшто), така и другите често пати (верувајте почесто од мене) знаат да проговорат по некоја паметна реченица за софтверот кој јас го пропагирам. Колку е нивното ниво на познавање на работите може да се види од самата дискусија. Прашањата од типот „кога последно сте пробале Линукс?“ завршуваат со одговор „Имаше едно ЦД што ми го дадовте, како се викаше тој Линукс…Карамба…не Кубунту“. Трагично. Или смешно. Трагично што воопшто јас се впуштам во такви дискусии со професионалци од нивниот ранг, а смешно што тие воопшто дискутираат со детиште како мене. Поединецот секогаш има аргументи кои ќе ги брани и зад кои ќе стои, бидејќи ако прифати мислење на соговорник тогаш тој ќе згазни на неговото достоинство. Па да видите какво достоинство имаат тие квази професионалци, пах пах пах…ужасно!

Јас не ви велам да користите Линукс, и сосема да се откажете од користењето на другите неслободни софтверски пакети. Иако тоа строго го препорачувам со умерена доза на ризик кон кој ќе пристапите, во случајот ви велам да пробате да користите тоа што нас ни се допаѓа премногу што сме направиле ваква заедница, што сме ја формирале Лугола и фатиле за работа. На крајот на краиштата, користете софтвер и за други системи од Linux базираните, имате OpenOffice.org, GIMP, AbiWord, Mozilla *, за сите платформи. Процесот кон прифаќање на слободниот софтвер оди постепено. Регулирајте ја употребата на неслободен софтвер, и самите потоа ќе ги увидите доблестите негови. Тоа што вие го зборувате против слободниот софтвер, е вашиот комплекс дека не се разбирате во таа област. И не ве обвинувам, кога вие сте учеле во школите, тој дел од ИТ не бил распространет како денес. Но тоа наместо да ве деморализира и да ви претставува тежина дека не го знаете, треба да ве мотивира и да ве насочи кон правилно прифаќање на слободата преку тоа што го работите – софтверот.

Пред извесно време се случи една случка за која на личноста која нема да обелоденам која е, некои од Луголашите ја знаат, направи екцес кој сосема јасно ја отсликува ситуацијата во која се наоѓа нашата транзиционална заедница на информатичари. Кога се формира Лугола пред 2.5 години, тогашното членство пристапи кон фирми и индивидуи со барање за мигрирање кон слободен софтвер. Тоа за тогаш беше премногу амбициозен процес. Не очекувавме дека ќе го прифатат, но очекувавме дека барем ќе му дадат шанса на тоа за кое тогаш и сега зборуваме. Напротив, таа личност не стави тотално на листата на игнорирани „деца кои немаат друга работа“. Поминаа 2 години, пролетта 2006та. Ми се јавува типот, ми вика ела да ми инсталираш и конфигурираш SuSE, „В ред“ - велам, „само сега ќе треба да направиш мала донација за Лугола“. Од тогаш па натаму, верувајте, не пропушта можност да просери по нешто за Лугола, дека сме наплаќале, а сме викале дека е слободно. Дека сме ова, дека сме она. Ќе се вратам на почетокот само за да кажам нешто, ако јас ги искористам моите раце за ваша помош, ценете го тоа и отворете го џебот за донации па дури и дневница. Можев да бидам и поарогантен, па да кажам 10 евра часот, па ќе делиме ќе множиме. Јас понудив предлог за донација, изгледаше премногу скапо? Хах, нема раче, нема колаче!

4. Да сумирам

Можеби сум премногу арогантен и одвратен. Можеби тоа е само во текстовите кои ги пишувам, а во живо сум сосема друга личност. Но сакајќи да ги отсликам работите кои се реалност околу мене, напишав 3 огромни текстови, тргнувајќи од слободата па се до можностите за поврзување на слободата и софтверот, и лаичкиот пристап на лажните професионалци кај нас, кон проблематиката со која јас се бавам. Мојата проблематика, да, Е мисионерска. Сеуште е. Но со надеж дека еден ден и јас ќе може да ги реализирам зборовите кои ги напишав (а имам ниет), доближувам еден аспект од тоа што јас чувствувам. Ова се лично мои визии и пристапи кон решавање на проблемите затекнати од незнаењето. Незнаењето ќе не отепа само ако го оставиме да не тепа.

Бидете добри, и нека ни е честит денот на слободен софтвер во Битола.

Viva la Lugola!

Психолошкиот аспект на слободата

1…до промена!

Во светот на нашата реалност се случуваат работи. Се прави прогрес во секој дел од општеството. Напредокот може да биде позитивен или негативен. Доколку е во добри раце напредокот е позитивен, се разбира по принципот на релативност, тоа за некого може да е сосем спротивно од тоа што мнозинството го мисли. Тогаш се создава конфликт. Честопати тие конфликти се предизвикани самоиницијативно. Јас сум А, тој е Б, ние сме од различни табори и мора да се контраме. Во секој случај за да се случи промена во нашето живеење потребна е индивидуа. Некој ќе рече дека индивидуата треба да има нешто потешки муда, за да може слободно да ги реализира своите анархистички идеи, бидејќи има случаеви кога идеите се прекрасни, но страмот и стравот го прават своето и толку од нив.  И кога таа индивидуа постои, молете се да е што помлада. Или бидете ВИЕ. Размислете која би била цената да Вие смените нешто во животот и реалноста во која ќе треба да го поминете целиот ваш живот или пак луѓето кои ги сакате и се дружите. Тргнете се од шаблонското следење на принципи кои ќе ве одведат во потчинување и робување на другите желби, кажете дека Вие сте млад човек кој е спремен да ги смени работите и кој ќе може да сноси одговорности. Така животот станува многу поинтересен и помотивиран да го живеете. Фрлете го далечинскиот управувач од вашите раце, почнете да размислувате пошарено. Работите кај нас не се воопшто бели, но не се ни црни поради една причина: Постои можност да се сменат и да се живее во свет во кој ние кои имаме сеуште шанса да го смениме и да уживаме во шаренилото на слободата. Замислете ја слободата како ваш најдобар другар и започнете го патот од илјадници стапки кои ќе ве доведат до чувство на ментално просветлување – бидејќи ќе живеете во свет во кој ВИЕ сте направиле нешто за слободата – вашиот другар. Кажете НЕ на работите што ве прават глупави – дрога, алкохол, цигари, затворени локалитети каде чекате по стотици часови за да влезете за на крај да завршите исфрлени како овци – кажете му НЕ на сето тоа, пријдете кон употреба на слободата – тоа е она што е наша природа, да бидеме едноставни и слободни. Никој не може да ми каже каде да влезам, што да дишам, што да пијам и како да се облекувам. Вие го кроите светот за Вас. СМЕНЕТЕ ГО!

2…до родител!

Ќе речат целото воспитување доаѓа од дома. Тоа е точно. Но точно е и дека желбата да им се каже НЕ на повозрасните исто така се формира дома или тоа кон што повеќе целам – желбата да НЕ им се кажува не на повозрасните.  Не се поставува прашањето дали Вие сте се нашле во ситуација да бидете обесправен од некој повозрасен или „поавторитетен“ институционалец, бидејќи сите сме се нашле. Не постои акција што може да го победи тоа чувство на пониженост. Колку пати сте станале и сте кажале што мислите? Дали сметате дека така ќе го изгубите работното место, позиција, оценка, итн..? Тоа е крајна глупост! Вашето достоинство можеби нема да биде повредено од серија лудачки испади на вашите претпоставени или професори па и родители, но вашата слобода е занемарена. И постои надеж. Ако така ве воспитале од дома, постои шанса да се смени тоа. Целта на овој текст не е повикување на домашна непослушност – веројатно не го ни имам авторитетот за таков повик – едноставно ве повикувам да им кажете на вашите што се над Вас дека во земјата во која живеете работите треба да стојат шарено – обидете се да им ги отстраните егоистичките видувања на постарите кои ви ја земаат слободата па и во случај да тоа не успеете да го направите – слободно игнорирајте го таквиот однос. Тоа води кон мешање во вашата слободна волја – слободната волја значи СЛОБОДА, земањето на слободата значи војна.

Тоа што пак како родители треба да го сторите е да ги научите вашите деца да живеат во слобода. Секој ќе рече дека тоа го прави – никој не е луд да  го каже спротивното. Испит кон тоа колку вашето дете живее во слобода е преглед на работите што Вие го учите додека расте. Се разбира, малото дете сака само љубов – една од главните одлики на слободата – а кога Вие како родител ќе ја возвратите таа љубов детето е целосно слободно. На поголемите деца овозможете им свет кој е полн со желбите кои се поттикнати од желбата за слобода. Децата сакаат играчки, игри на компјутер и трчање. Кој е тој на кого не му недостига детскиот џагор? Понудете им работи што не ја земаат слободата на другите лица. Можеби за Вас е поважно да го научите вашето дете да игра по 12 часа дневно на ПлејФакингСтејшн или Писи – но неговите желби не се тие, иако тоа така изгледа, секое дете би било посреќно кога би ја користело слободата на надворешната игра со другарчињата во просторија незагадена од чад и дерење. Тоа е заробеништво, па и кога веќе го користи сметачот за задоволување на детската љубопитност – понудете му слободен софтвер – нека вашето дете не зависи од волјата на другите. Ако Вие не го направите тоа, Вие од мало го учите да сака работи кои се туѓи, а не негови. Вие од мало го учите да сака софтвер што е неслободен. Вие му го наметнувате вашето комерцијално гледиште за работите околу. Тоа не е фер!

Зборувајќи пак за слободата на изразување веројатно тоа треба да се учи во нашите глупави училишта и глупав образовен систем. Зошто глупав? Поради  тоа што досега училиштата и професорите, чии не ретки комплекси ги повредиле кревките детски состојби, буквално ништо не сториле да им кажат на учениците дека слободата е тоа за кое треба да се борат. Не ги научиле дека треба да кажат не на неправдата и одземањето на слободната волја. И кога веќе не ги научиле таму – вие како родител и многу подобар воспитувач може да го научите вашето дете да ги сака вредностите на животот преку појаснување на фактите што стојат зад слободата на изразувањето. Конкретно, научете го детето да се бори за да докаже дека нештото е сино иако другите го убедуваат дека е зелено. Ќе биде нарекувано тврдоглав и инаетчија – нека биде – па така ќе се создаде поле во кое ние ќе имаме право да се бориме за слободата во која живееме. Политиката веројатно и не треба да се споменува. Тие што ги инволвираат децата во политиката се морони и вошки! Тие што ги злоупотребуваат децата за делење летоци и веење знамиња се лош пример за родители. И спијат на таван! :)

3… до право на информираност!

Информацијата е носител на знаењето – единична мерка за знаење. Информацијата го прави учењето квалитетно. Како може некој да учи ако нема информација? Не постои начин да се дознае било што ако информацијата е затворена и недостапна. Кога сето знаење би било складирано само во едно место – условно кажано „контејнер со знаење“ - тогаш би било многу полесно да се контролира пристапот кон информациите. Но со оглед на тоа што знаењето не е така лесно сфатливо, веројатно поради карактерот на обемност денес е многу лесно да се пријде кон злоупотреба на информацијата. Тоа и се прави. Како информацијата е заробена(?), еден конкретен пример. Користите софтвер кој не е слободен? Не знаете што користите, имате право да знаете, не велам дека мора да го знаете, некој сака да знае што користи, што прави тој софтвер, но тоа не е достапно поради тоа што информациите за тоа како софтверот е направен (неговиот изворен код) се недостапни. Еден начин да се дојде до сознанија за работата на софтверот што го користите е повратно инжињерство или Reverse Engeneering, што некои го ставаат во рамките на кракирање. Тој метод е прилично комплициран и нема да може да го прави секој. Втор начин е користење на алтернативен систем за кој сте сигурни дека имате достап до информациите за тоа како тој софтвер е направен и функционира бидејќи го имате неговиот изворен код. Се разбира таков тип на софтвер е слободниот софтвер. Следно кога некој ќе праша зошто да користи слободен софтвер, појаснете му го овој концепт на слободна информација што е загарантирана и со Уставот на нашата земја, а и со општа конвенција за слобода на информациите. И кажете им дека тие кои ја сакатуваат информацијата и онеспособуваат знаењето што му припаѓа на луѓето, честопати се казнувани од ЕУ и нејзините гранки на влијание. Или дајте му до знаење дека не ни заслужуваат одговор со елегантна насмевка.

4…до поборник за слобода!

Не се сите способни да го сфатат овој принцип на живеење со борба за слобода. Тогаш кога би им ги појаснал моите суптилни закони кои ги следам и практикувам веројатно би ме прогласиле за социјален ерес и гнилеж, па затоа одрекувам било каква понатамошна дискусија на точките кои ме инспирираат да го правам тоа што го правам. Јас сум младич кој може да каже дека преживеа малку од траумите на класична граѓанска војна, одземање на правото на збор, поставувања полициски часови и борба со фрустрациите на средношколските лудаци кои почнувајќи од соучениците па се до професорите никогаш не побегнаа од клишето на животот зад ограда и неправда. За да се стане она што многу мислат дека е лесно – активист за слобода - треба да се помине низ серија чувства што те мотивираат, серија напади што те запираат, серија необјективни критики што те осакатуваат и на крај да се избориш со фаците на секојдневието – лица кои никогаш не напреднале во својот дигитален развој, лица со завршени високо образовни институции, факултети, академии и виши школи. Денес постојат улоги во вашиот живот кои крајно компетентно пристапуваат во дискусија за некои проблеми, без пројавување на желба најпрво да се запознаат со тие проблеми, а потоа да ги дискутираат. Конкретно сум бил затекнат во ситуација професор со завршен веројатно ЕТФ факултет да ми каже во лице „абе батали слобода, каде се парите?!“. Парите се во вашата способност. Слободниот софтвер не е исто што и бесплатен софтвер. Иако честопати слободниот софтвер Е бесплатен, не важи спротивното, бесплатниот софтвер не е или не-секогаш е слободен софтвер. Способноста да се заработи од слободниот софтвер е за почит, а способноста или квази-можностите на лицата кои сметаат дека лицата кои стојат зад слободниот софтвер се хранат со вода, е за во краварска фарма. Тие се неспособни и штетни за општество во кое треба да владее слободата и слободната размисла. Поради нивната неинтелигенција да направат пари преку слободен софтвер, плукаат на целото наше движење и производ.

Можеби е време да се стави крај на борбите кои ги имаме со луѓето од секојдневието. Вистинскиот поборник за слобода впрочем не се замара што мислат другите. Тој е ослободен од замките на егото и е вистинољубив. Секогаш кога ќе се дојде до можност за помагање на слободата тој е среќен и чувствува гордост и среќа што помогнал на тој начин.

Писателот е писател поради тоа што пишува.
Човекот е слободен поради тоа што е човек.

Rob Levin почина

Што е бре работава, некако луѓево се губат. Rob Levin, познат и како Lilo, типот што го формира Freenode - најдобриот IRC сервер за поддршка за слободен софтвер го удрила кола по што подлегнал на повредите.

Сочуство. Веста.

Билјана Секуловска

Зошто Билјана Секуловска секогаш кога води вести се треси како да доживува оргазам на секој трет збор во реченицата?

Едно време тоа го правеше и Ирена од Орбис, арно ама му ги шибнаа клоците и сега сме раат од мајмунлок.

Не сериозно, за Билјана, да не има паркинсонова?

Што е слободата и како до неа?

Што е слобода?

Слобода е состојба во која субјектот не принадлежи на принудени акции спротивно од неговата волја и во која субјектот не е врзан со слободната волја на друга единка. Слобода е состојба во која субјектот е слободен. Што значи да си слободен? Во англискиот јазик не постои збор за слободен. Истото значење што го има зборот бесплатен го има и зборот слободен.
Free – како во „I am free to speak whatever I want“ и,
Free – како во „This is free of charge“.
Во тој случај како може да се распознае слободата како слободно и слободата како бесплатно? Чистата природа на човекот е да биде слободен. Уште од самото раѓање бебето како личност е подложно на волјата на родителите. Некои родители се добри кон децата, некои лоши, тоа е нивна волја која ја (не во строга смисла) наметнуваат врз децата. Впрочем тоа во дадени ситуации е добро, доколку се земе во предвид фактот што и самото бебе како личност во развој (процес кој материјално никогаш не престанува), нема да се согласи со сите постапки на неговите родители/старатели или личностите кои се одговорни за него воопшто. Ќе се расплаче, ќе фрла со храна или ќе одбива да јаде. Тоа е еден вид на бунт што чистата природа на личноста – слободата го предизвикува кон лицата кои сметаат дека нивните постапки се во ред без да се стават во ситуација на личноста со која работат/живеат. Слободата не тера да си ги бараме своите права, не тера да се плашиме од нејзиното губење, но во ниту еден случај слободата нема да не натера да седнеме и со сила да размислиме што со неа откако ќе ја загубиме. Во тој случај слободата и не би била слобода. Во тој случај слободата ќе се меша во нашата слободна волја без разлика на позитивниот или негативниот резултат. Еден добро познат факт ја прави слободата најпожелната работа во животот на луѓето – сите ја сакаат многу повеќе откако ќе ја изгубат.

Што можете да направите вие?

Па така живеејќи во свет во кој толку многу се измешале и доброто и лошото, финото и грубото, белото и црното, речиси е невозможно да препознаеме што е слобода, а што е зависност од волјата на другите. Во светот веќе не се прашува „зошто“, а се почесто се приоѓа кон формата „така треба“ која догматски ја прифаќаме во нашиот живот. Можноста за промена е тука, во нас самите, само треба да кажеме дека ние сакаме да направиме промена. Никој нема да не спречи во нашата идеја. И кога ќе ја имаме таа волја тогаш се поставува прашањето „што да направиме за да се видат резултати“ или во кое поле да делуваме за да бидеме успешни и да ја поттикнеме желбата за живеење во слободен свет. Политика? Не би рекол, тоа е алатка на неспособните. Следење на политичари? Тоа е пракса на уште понеспособните и веќе видена неуспешна страна на квази ораторите кои преку зборови се обидуваат да го заобиколат фактот или конкретната фабула на прашањето. Што можеме да направиме за да се избориме за слобода? Единствено можеме да сториме нешто во полето во кое ние сме најдобри. Занемарете ги политичките или патриотските чувства што преовладуваат во вас и кои градат бариери кон вашите најблиски – луѓето, тргнете од премисата дека сакате да сторите нешто додека можете, бидејќи сте млади и ја имате моќта и правото да бидете сослушани и видени. Активност во полето во кое вие сте најдобри, а кое не предизвикува дополнителна тежина врз слободната волја на другите е тоа што може да се направи за да се оформи псеудо општество во кое ќе преовладува идејата за слободата. Така се доаѓа до терминот Хакер..

Борци за слобода

..или Hacker кој многупати е помешан со нелегални активности и желба за остварување на злобни цели. Еден од најголемите речници на Интернет, Merriam-Webster Online Dictionary, го дава едно од најнеобјективните и најлошите толкувања во точка 4 од записот за поимот Hacker:

4 : a person who illegally gains access to and sometimes tampers with information in a computer system

И покрај тоа што веќе е досадно појаснувањето дека термините hacker и cracker не треба да се мешаат, еве уште еден факт за тоа дека навистина не е пожелно тие два термини меѓусебно да се поистоветуваат. Така накратко се добива појаснување од овој тип: Поимот Hacker е термин со кој се означува експерт во одредена област, најчесто од информатичката технологија и пред се личност што има идеја и креативност да го направи нештото. Конкретно, уметничкиот лик на делото на еден програмер (неговиот изворен код) го прави програмерот хакер. Заради тоа што тој направил уметност која не’ поврзува со компјутерот. Желбата да се бориме за слобода исто така може да не’ оквалификува како хакери. Борецот за слобода на информацијата (тука спаѓа секоја информација иако на првпат се посочува софтверот како куп информации), и личноста која создава шмек (во смисла: ја прави науката за сметачите поатрактивна за крајните корисници) за поврзување на човекот со сметачите е хакер. Не сите програмери се хакери и не сите хакери се програмери. Впрочем, секој уметник може да биде хакер.

Слободата и битот

Не беше слободата толку важна пред 80тите години на минатиот век кога се зборуваше за информатичката технологија. Хакерите ги делеа нивните дела уште од зачнувањето на идејата за носителот на дигиталната информација – битот. Тоа може да се потпре на Ada Byron првиот програмер на светот (не знам по кое следство), која веројатно ни на крај памет не помислувала да го „зароби“ своето дело, но поитала да им каже на другите логичари од тоа време за нејзиниот изум, по што го презентирала истиот. Иако тогаш не постоел Битот како носител на податокот, таа мала точка која е забележана како резултат од пресметките на изумот на Ада била слободна. И уште една потпора на погоре-наведениот факт, а која се споменува и во памфлетот на НВО „Слободен софтвер Македонија“ со име „Слободата и Ти“ - што би било кога Моцарт би забранил било каква манипулација и ширење на неговите партитури/дела. Впрочем Моцарт бил до толку хардкор што во одредени моменти и ги препишувал делата на строгата црквена инквизиција од тоа време само по слух. Типично кракирање, па сепак бил доволно фер да го остави знаењето на светот.
Пред дигиталната револуција на домашниот компјутер или стигањето на IBM-овиот PC во нечии домови, програмерите го давале своето дело бесплатно и пред се слободно. Не било типично да се нагласи дека тоа парче софтвер принадлежи на одредени авторски права, бидејќи дотогаш сите информации биле слободни. И да не бил достапен изворниот код, во тоа време постоело нешто што може да се смета за зачетник на затворениот софтвер, а што денеска се вика Freeware и треба строго да се ограничи од терминот Free Software или Слободен софтвер. Freeware е право на користење на извршната програма на одреден софтвер. Значи строга лиценца што ви дава право само да користите програма без можност да ја приспособувате на вашите потреби, притоа задоволувајќи само едно од правилата за слободен софтвер - Слобода да ја пуштате програмата, за било која цел. Потоа дојдоа вистинските проблеми за кои се зборува исто така во „Слободата и Ти“:

Fear the greeks.
Even when they bring gifts!

Горнава реченица најдобро ја објаснува Xerox ситуацијата. Хартијата повторно се заглавуваше во новиот печатач кој AI лабораторијата при MIT го доби како подарок. Сталман, хакерски расположен, одлучи сам да го среди проблемот. И го стори тоа, но не го доби изворниот код на софтверот од Xerox. Xerox ги удри темелите на затворениот софтвер, ја поткопа слободната соработка во програмерската заедница, но и придонесе за создавањето на GNU/Linux! (страна 10)

Потоа настапува периодот на масивно создавање на затворен софтвер или неслободен софтвер. Се создаваат големи фирми и се појавуваат личности за кои се што досега е напишано во овој текст не значи ама баш ништо. Почна да се поткопува слободата, почна да се руши пристапот до информациите, почнаа да се инспирираат групи на хакери да создадат софтвер во кој ќе можат да се осеќаат слободно. И баш заради тоа, потребата од задоволување на сетилото за слобода би требало да не наведе и самите нас да преминеме кон користење на слободни нешта и во секојдневниот живот. Кога јадеме треба да имаме во предвид дека со самото јадење не предизвикуваме штета на другите, дека не им сметаме и не учествуваме во масовното истребување на другите живи видови само поради нашата желба за јадење. Исто така и кога користиме софтвер треба да имаме во предвид да не ги повредуваме авторски права на другите лица кои пак го создале истиот. Ова веројатно и нема да допре до голем број читатели, но идејата што сакам да ја анализирам е следнава: кога некој софтвер е затворен, тоа е поради тоа што авторот така решил. Колку и да е штетно тоа за крајниот корисник, тоа е слободна волја на авторот на софтверот. Ако ние одиме контра неговата слободна волја и нелегално користиме неслободен/затворен софтвер, тогаш настапува моментот на повредување на другите единки во светот кои исто така ја сакаат слободата колку што и’ наштетиле правејќи го нивниот софтвер. Со ова не сакам да ги оправдам активностите на лицата што го затвораат кодот, напротив, кога веќе се користи софтвер, корисникот треба да гледа тоа да го стори на колку што е можно полегален начин. И колку е тоа лесно? Многу! Користете слободен софтвер и запознајте се со принципите кои важат во него.

Не е како другите, не чини!

Дали обраќате внимание кога пиете Пирири без притоа да ви се каже дека тоа е Пирири, па цело време мислите дека пиете Пири-Кола? И тогаш доаѓа некој и ви вика „абе тоа е пирикола“, и вие веднаш плукате и глумите лудило како демек сте го осетиле вкусот уште од порано па сега сте се спржиле. Тоа е комплексот на одредени корисници. Веруваат во нешто што прво ќе го видат и научат како такво, а потоа го споредуваат буквално со се. Не ретки се случаевите да се праша „Како се менува позадина во KDE?“, па по дадениот одговор да следи друго прашање „Аааа, зошто не е како во другите системи?“. Искоренете го тоа уште веднаш! Ако забележите таков однос во вашиот карактер, веднаш угаснете го. Помислете на се што можете да научите користејќи слободен софтвер или конкретно GNU/Linux. Потоа размислете на целиот софтвер што може да го имате со добра Интернет врска или едно DVD. Не споредувајте со другите системи. Има софтвер што е подобар од некој друг, а има и полош. Како оганче кое може да се распламти во желбата за искоренување на идејата дека одреден софтвер е лесно споредлив со друг или на лик идентичен, може да го земете следниот факт: во светот на GNU/Linux проблеми со софтверот има. Тоа е софтвер. Софтверот има природа не секогаш да работи како што го создал авторот. Но кога инсталирате GNU/Linux како оперативен систем, со самиот тој добивате куп драјвери за кои не треба да ставате и вадите ЦД-ња веднаш по инсталацијата на системот. Проблемите се лесно решливи со поискусни корисници или преку Интернет базата на знаења (пример http://wiki.lugola.net). Потоа, добивате куп софтвер, не треба да инсталирате кодеци, не треба да инсталирате апликации за секој формат посебно.
Тука треба да се спомене еден проблем на кој корисниците веднаш ќе изреагираат, конкретно Ubuntu Linux (тоа подразбира и Kubuntu и Xubuntu). Оваа дистрибуција исто како и други слободни дистрибуции немаат mp3 или avi поддршка, поради постоење на патенти кои строго важат во САД. Со оглед на тоа што Ubuntu Linux се нуди бесплатно во целиот свет и може да го има секој од Париз до Пекинг, прохибициите за носење на дигитални патентирани формати се реалност и проблем за кој корисниците за скоро време можеби и нема да можат да сторат којзнае што, но начинот на нивно доинсталирање со дополнително ЦД или добра Интернет врска е многу лесен.

Заклучок

Конкретно зборувајќи за слободата се обидов да се потпрам на редица факти кои ни докажале дека слободата не е играчка со која треба да се поигруваме. Слободата може да е најголем пријател, но никој не сака да го види непријателот во нејзиното лице. Тоа значи дека единствено тие што го осетиле поморот на слободата на своја кожа знаат која е цената на слободата. Нас се ни е при рака. Тука кај нас. На едно обично ЦД, на Интернет и сл. Софтверот е дел од нашиот живот. Тој за некого е потреба, за некој професија, а за некој забава. Тој треба да биде слободен исто како и нотите на Моцарт. Тој треба да е слободен исто како и вие кога го читате овој текст. Правото да кажете што сакате е ваше и загарантирано уште со вашето раѓање. Никој нема право да ви го земе ниту наруши тоа право на слобода на изразувањето. Имате право да се облекувате како сакате, да јадете што сакате и да зборувате што сакате и да користите што сакате. Тоа е основа на поимот „слободна волја“, бидејќи без тие работи, човекот не е човек, туку животно во ЗОО Градина изложен на желбите на другите. Правото е ваше, но запомнете ја обврската, не повредувајте ги другите и преминете кон примена на слободата во вашиот секојдневен живот.

Без да го чекате следниот upgrade на системот кој мнозината го користат, зачекорете во светот во кој вие одлучувате кога вашиот систем ќе е со најновиот софтвер. Таму, Вие ги градите правилата. Во светот на слободниот софтвер. Слободата нема цена, но враќањето на слободата е многу скапо!

Mandriva DrakeConf изворен код

Немам успеано никаде да најдам изворен код за овој софтвер.

Ако некој може да ми асистира, би бил благодарен. Иначе ме заинтригира компатибилноста на софтверот со GPL штом не можам да го најдам изворниот код.

Како изгледа успехот?

Цела галерија.

Крокодилофаќачот умре од риба

Steve Irwin умре од напад на нешто што на англиски се вика Stingray и изгледа вака.

Сите кои не го знаат типот ќе ви асоцирам со следново - типот што со голи раце фаќаше крокодили целиот негов живот. Веста е објавена пред некој час, нападот веројатно се случил пред не повеќе од 12 часа. Каква иронија, крокодилите ги фаќаше како рипки, а тоа грозното „рипче“ го среди за секунда. R.I.P. Irwin!