Софтверска адолесценција
1. Вовед
Денес се напив вода. Водата стигнува од Стрежево. За водата не ми наплаќаат. Водовод ми наплаќа за преносот на водата до мојата металик чешма. Пишувам код. Кодот е C++. За кодот не ви наплаќам. За администрирањето ќе ви наплатам. Ќе ви наплатам и за пакувањето, и за документацијата, и за редица други нишани што ќе му ги залепам на софтверот. Имам и други идеи, но за тоа, потоа, за да не ви звучам чудно тој дел ќе го скокнам (впрочем тоа е и друга тема за мојот принцип за заработка во нашата област). Софтверот ќе остане слободен. Јас ќе направам пари за преживување.
Ако пратите што се случува во заедницата на слободен софтвер во светот, нема многу да забележите. Бидејќи се случува толку многу, се ќе ви оди пред очи како на филмска лента. И ќе се осетите дека гадно сте се заебале што сте се насочиле кон информатичката технологија во насоката на слободниот софтвер. Ќе осетите агонија која ќе ве гони се додека не направите поистоветување со науката Информатика и вашиот глушец. Тоа не оди заедно. Впрочем на Информатиката не му ни треба сметач. На бајтот му треба само различен напон. Сметачот е направата што го овозможува тоа. По подолго трагање во светот на Информатиката и осознавање на некои нејзини површински вредности сфатив дека проклетството на таа наука е стереотипот на луѓето што запнале да се бават со неа. Таа наука е една од најдосадните и најглупавите науки на светот. Веројатно кога би можел да се родам пак и да свесно да избирам, нема во ниту еден случај да изберам да се бавам со Информатичка технологија. Ќе речите, зошто тогаш сум инволвиран во таква дејност? Има две објаснувања.
Првото лежи во фактот што веќе имам 23 години, зад мене стои некое знаење што го изградив во текот на минатите години кога сум соработувал и добивал совети од професионалци, и тоа професионалци не од типот на Ситник и Шкафот (надиме), туку лица кои ме советувале и подучувале и несебично го споделиле знаењето со мене. Тоа се разбира 60% се професионалци од нашата заедница на слободен софтвер. Не сакам да споменувам имиња или псевдоними, за да не направам хиерархија на луѓето што ми помогнале, ги има повеќе. Баш тие лица се дел од моето чувство да се биде горд што сум дел од нашата заедница која се помалку и помалку е активна (сега замислете Лугола да не постоеше). (во контекст во ова и следнава изјава: Чудна појава се случува во Скопје. Луѓето се вработија и заборавија на се. Каде е Ристе, Владо, Глиша, Илин, Стојмир? Каде е планетата, жива како порано? Каде е желбата да се сменат работите како порано? Не дека жарот згасна, само распалете го.).
Второто лежи во фактот што јас иако ја сметам ИТ за глупава појава, јас ја сакам. Колку и да звучи тоа чудно, можам да се потпрам на мојата желба да програмирам. Конкретно на програмирањето. Се осеќам прекрасно. И тоа не откако ќе го направам нештото туку за време на работењето. Веројатно сега произлегува и целата уметност на програмирањето што ја имам замислено и прифатено како иде(ологија)ја, да се програмира со задоволство и кога тоа стило за задоволство ќе биде задоволено, да не се мисли на резултатот. Едноставно дај го на заедницата. Како до пари? Прочитајте го воведот од почеток, само немојте тука рекурзивно да се враќате на почетокот.
2. Дај ми, дај ми жити се…
Видете две работи. Ако сте Delphi или Visual Basic програмер, скокнете…море баталете го целово четиво. Овде не зборувам за Латински јазик, туку за некое есперанто кое не е мртво, а допрва почнува да живее барем кај нас. И ако желбата за дискусија и сфаќање на тоа што сакам да го кажам ви е потопена со вашето егоцентрично видување на работите низ призмата на парите и робувањето, исто така баталете се. Вратете се во вашиот so-called живот и умирајте во коњски маки да направите пари за да ги потрошите на следниот iPod или познат psychedelic minimal maximal hard tech techno house alternative диџеј.
Пред некое време дадов една интересна дефиниција за работата на големите компании каде работат безброј програмери. Кој од кој поквалитетен. Направиле програмски јазици, имплементирале тешки алгоритми, се развеле, напишале оперативни системи, кернели на системите, ги заборавиле децата, развиле нови Web технологии и слично. Епа програмерите се такви. Ограничени. Немаат време да читаат книги од типот на „Името на розата“ затоа што за тоа време ќе прочитаат за многу подруги визии на други умови. Тоа е губење време. Програмерите не се смеат и пристапот кон нив е максимално внимателен. Да не го скршиме кристалното раче на „тато“ што по цел ден не се одлепил од компјутерот. Е НЕ Е ТАКА! Тоа е стереотип за кој може да се напише и книга. Дефиницијата за која почнав да зборувам е следнава: Програмирањето најчесто претставува делување слично на делувањето на носителите на робовладателското општество во кое се задоволуваат потребите на други лица, а пристапот кон добивањето на производ го прави сосема трето лице. Зошто споредба со робовладателско општество? Во фирмата ретко кој ќе ве праша како ќе биде нештото подобро. Веројатно би сакале да го чујат вашето мислење но одлуката е нивна. Вие само ќе му ги реализирате желбите и нема да осетите задоволство од тоа што го работите. Ќе правите софтвер за наводнување во сојузната држава Пенсакола и ќе одите дома да спиете. Ќе станите, па нема да спиете, па ќе легните да спиете. Каде е вашиот производ? Вистина, ги прашувам програмерите што програмираат во нашите фирми по цел ден и цела ноќ, дали се осеќате исполнети кога ја работите вашата работа? Дали сте осеќата како програмери? И каде е вашиот производ? Да го видиме.
Потоа доаѓаме до терминиот Outsourcing. Како да го преведеме? Хрм…„Странски извор“ Странски MuddaFucker? Не, барем во овој текст не, сега ќе го оквалификуваме како странски извор (СИ). Ќе работите за потребите на некои други фирми. Сето тоа е во ред. Да, го прифаќам СИ како начин на заработка и од друга страна користење на ефтина работна рака, со тоа што средствата за да го плаќаат еден програмер во странство (кај нив), ќе платат 5 кај нас. И ќе бидат задоволни. Голема е веројатноста и јас самиот во иднина да го прифатам СИ како начин на заработка, но ќе покаже времето. Иако на нашите фирми/корисници/побарувачи им треба многу подобар софтвер од обичните клиперски апликации и пред се затворени/неслободни кодови, постои можност да работам за потребите на СИ за кој конкретно имам сознанија дека би им требале C/C++/Qt програмери од (нивно) странство. Македонија е идеална за тоа. Признавам дека СИ е поистоветување со она што го опишав во претходниот пасус, но тука има една генерална идеја која ми е поттик да програмирам. Тоа е принципот на давање на софтверот изработен лично од мене (сега зборувам во прво лице, во иднина може да зборувам како за фирма), како слободен. Тоа што ќе го правам јас ќе оди слободно. Ќе има пакување, ќе има документација и сл. Но тоа што ќе го побара друг, робовски ќе му го изработам и испратам. Ви се допаѓа? Не! Ај уште 2 вечери пред Dell 17“, а сега? Да! Супер. Дајте парите. За да кружат тие пари мора да се даде некоја жртва. Таа жртва може да биде доброволен прилог во некоја институција, организација или индивидуа. Дел од парите за нив/неа. Така ќе се вртат парите и ќе може да стигнат пак кај мене. Дел настрана, дел за мене, па пак дел за друг. Со тоа не викам да донирате на МПЦ и слични политички партии, туку на здруженија на кои им требаат средства. Јавно ветување може да биде и следново: Јас кога би имал средства за донации, прво би ја помогнал нашата заедница на слободен софтвер. Зошто? Оти така сакам.
Во светот сите бараат и добиваат. Компјутер од HP, од Sun Microsystems, од IBM, па машини од Dell, па печатачи од Xerox и компанија. Што добиваат кај нас индивидуалните програмери? Ништо. Ако го дадат софтверот како слободен, ќе имаат можност да нивниот код биде виден од други „ѕверки“ кои ќе покажат желба да го помогнат проектот. Инаку, како ќе може да помогнат затворен проект. Лично и јас, во таква ситуација би си рекол дека зад проект кој презентира неслободен софтвер стои голем човек, со тежок капитал и пазар. Не би помогнал таква крастава жаба која само штети на Информатичката технологија. Напротив, кога би можел би им ја покажал вратата за во сервисот на AMC, па нека склопува хардвер.
3. Пробај па зборувај
Ако не пробаш нема да знаеш. Има една изрека која одговара на темава но нема да ја кажам заради вулгарноста што ја носи. Нешто е шо „сакаш да се, неќиш влези“, па заклучете сами. Значи како би знаеле дали јаболкото е златен делишес? По амбалажата. Се разбира, дека не! Ќе го вкусите и ќе видите дали е делишес или е јонатан. Не е тешко. Така и со софтверот. Ќе го користите за да видите дали ви одговара или не. Дали софтверот е добар или лош. Исто како што и јас некогаш зборувам толку лошо за фрејмворк од типот на Delphi и Visual Basic, а не совршено ги познава (не велам дека не ги познавам воопшто), така и другите често пати (верувајте почесто од мене) знаат да проговорат по некоја паметна реченица за софтверот кој јас го пропагирам. Колку е нивното ниво на познавање на работите може да се види од самата дискусија. Прашањата од типот „кога последно сте пробале Линукс?“ завршуваат со одговор „Имаше едно ЦД што ми го дадовте, како се викаше тој Линукс…Карамба…не Кубунту“. Трагично. Или смешно. Трагично што воопшто јас се впуштам во такви дискусии со професионалци од нивниот ранг, а смешно што тие воопшто дискутираат со детиште како мене. Поединецот секогаш има аргументи кои ќе ги брани и зад кои ќе стои, бидејќи ако прифати мислење на соговорник тогаш тој ќе згазни на неговото достоинство. Па да видите какво достоинство имаат тие квази професионалци, пах пах пах…ужасно!
Јас не ви велам да користите Линукс, и сосема да се откажете од користењето на другите неслободни софтверски пакети. Иако тоа строго го препорачувам со умерена доза на ризик кон кој ќе пристапите, во случајот ви велам да пробате да користите тоа што нас ни се допаѓа премногу што сме направиле ваква заедница, што сме ја формирале Лугола и фатиле за работа. На крајот на краиштата, користете софтвер и за други системи од Linux базираните, имате OpenOffice.org, GIMP, AbiWord, Mozilla *, за сите платформи. Процесот кон прифаќање на слободниот софтвер оди постепено. Регулирајте ја употребата на неслободен софтвер, и самите потоа ќе ги увидите доблестите негови. Тоа што вие го зборувате против слободниот софтвер, е вашиот комплекс дека не се разбирате во таа област. И не ве обвинувам, кога вие сте учеле во школите, тој дел од ИТ не бил распространет како денес. Но тоа наместо да ве деморализира и да ви претставува тежина дека не го знаете, треба да ве мотивира и да ве насочи кон правилно прифаќање на слободата преку тоа што го работите – софтверот.
Пред извесно време се случи една случка за која на личноста која нема да обелоденам која е, некои од Луголашите ја знаат, направи екцес кој сосема јасно ја отсликува ситуацијата во која се наоѓа нашата транзиционална заедница на информатичари. Кога се формира Лугола пред 2.5 години, тогашното членство пристапи кон фирми и индивидуи со барање за мигрирање кон слободен софтвер. Тоа за тогаш беше премногу амбициозен процес. Не очекувавме дека ќе го прифатат, но очекувавме дека барем ќе му дадат шанса на тоа за кое тогаш и сега зборуваме. Напротив, таа личност не стави тотално на листата на игнорирани „деца кои немаат друга работа“. Поминаа 2 години, пролетта 2006та. Ми се јавува типот, ми вика ела да ми инсталираш и конфигурираш SuSE, „В ред“ - велам, „само сега ќе треба да направиш мала донација за Лугола“. Од тогаш па натаму, верувајте, не пропушта можност да просери по нешто за Лугола, дека сме наплаќале, а сме викале дека е слободно. Дека сме ова, дека сме она. Ќе се вратам на почетокот само за да кажам нешто, ако јас ги искористам моите раце за ваша помош, ценете го тоа и отворете го џебот за донации па дури и дневница. Можев да бидам и поарогантен, па да кажам 10 евра часот, па ќе делиме ќе множиме. Јас понудив предлог за донација, изгледаше премногу скапо? Хах, нема раче, нема колаче!
4. Да сумирам
Можеби сум премногу арогантен и одвратен. Можеби тоа е само во текстовите кои ги пишувам, а во живо сум сосема друга личност. Но сакајќи да ги отсликам работите кои се реалност околу мене, напишав 3 огромни текстови, тргнувајќи од слободата па се до можностите за поврзување на слободата и софтверот, и лаичкиот пристап на лажните професионалци кај нас, кон проблематиката со која јас се бавам. Мојата проблематика, да, Е мисионерска. Сеуште е. Но со надеж дека еден ден и јас ќе може да ги реализирам зборовите кои ги напишав (а имам ниет), доближувам еден аспект од тоа што јас чувствувам. Ова се лично мои визии и пристапи кон решавање на проблемите затекнати од незнаењето. Незнаењето ќе не отепа само ако го оставиме да не тепа.
Бидете добри, и нека ни е честит денот на слободен софтвер во Битола.
Viva la Lugola!
Објавено на денешен ден:
- Пиеме пиво пред коперација - 2008
- Лин/Lin - 2007





