На Википедија објавив правила за однесување на Википедијците и се што добив беше уредена содржина
(„“) Денес отидов на Википедија. Објавив содржина во која набројав 10тина правила кои треба да важат за тие од Википедија. Кажав дека тоа што го прават едноставно мора да го прават од љубов и да не се логираат со кориснички имиња и да не оставаат детали за нив бидејќи така ќе се знае кој што направил, кој какви измени направил, а тоа не е во духот на она претходно наведеното, дека се треба да прават од љубов. Покрај тоа, наведов дека во Википедија нема хиерархија. Џимбо е исто што и јас. Нема големи, мали, помали и поголеми придонесувачи, администратори и хакери. Тоа е Википедија, тие се едно и исто. Тие се…Википедија. Потоа некој ја уреди содржината и во разговорот напиша дека тоа е генерализирање и дека тие правила не може да се применат врз милионите корисници на енциклопедијата и групите кои ја уредуваат и дополнуваата. Јас се бунев, реков дека Википедија е слободна енциклопедија, но ја уредуваа. Ја уредуваа, ја уредуваа. И сега тоа е веќе уредена содржина. Не постои. Ставена е на списокот за бришење. Веројатно и ќе ја изгласаат. Толку од демократијата. Џимбо треба да го прочита уште еднаш објаснувањето што е тоа Вики софтвер и Вики филозофија бидејќи тој не ја измисли таа философија и…хрм…или ја измисли? Не, тој не ја измисли. Или ја измисли? Како може луѓе кои се толку слободни да не се потчинат на моите правила што им ги напишав?
Понатаму, напишав содржина која не беше Вики форматирана. Некој стави „Шаблон“ (тоа се спремни содржини кои се применуваат за одредени потреби) дека мојата содржина не е Вики форматирана. Ма немој молим те! Тоа е Википедија и јас можам да правам што сакам. Не само што можам да ставам неформатирана содржина и да не се придржувам до конвенциите на нивниот начин на работа, туку можам и да пишувам што сакам. Тоа е Вики софтвер, тоа е Вики филозофија. Ставете ливче на ѕидот и турнете го неслободното модерирање на енциклопедијата. Fork! Одма! („“)
Дали сето тоа е во ред? Дали личноста која ќе го прави ова на било кој Вики сајт е во право? Дали злоупотребата и администрирањето на вакви обиди за скршнување од принципите на работа на еден Вики сајт се во ред? И на крај, некој мора да сфати: Вики сајтовите имаат правила кои велат дека не секој може да става што сака. Да! Што ќе ни е Вики содржина за процесот на парење на камилите на Вики за слободен софтвер? Се разбира дека е вон-тематиката што сајтот го опфаќа. Па така, постојат и други принципи кои велат дека некој едноставно мора да ги проверува сите ливчиња на ѕидот што се прикачуваат и да види дали тие се соодветни за остатокот содржини пред да падне целиот ѕид. Слободното знаење е највиталниот фактор во процесот на информатичкото описменување. Затоа, не одмагајте на тие кои го реализираат овој процес. Но помогнете!
Објавено на денешен ден:
- Матрица на компетентност - 2008
- Свадба - 2007





