Лешникот кој чекал за џабе
Создавањето е долготраен процес. Мачен, исполнителен или и двете. Кога создаваме се договараме со универзумот да ги откриеме нашите интимни мисли. Создавањето е процесот низ кој мора да се помине за да се добие резултатот. Создаваме секојдневно. Создаваме и кога рушиме. Процесот на создавање трае подолго, па од таму она кое најмногу не допира кога нешто се уништува е тоа што уништувањето се случува веднаш. Дрвото расте со години, децении, векови…за да изгори потребни се неколку минути или часови.
Тоа ме потсетува на една приказна која се навести самата по себе во мојата глава.
На времето, ехеее, уште Госпо по земјата одел, имало еден лешник. Лешникот немал родено плод со години. Растел, минувале годишните времиња, паѓале лисјата, разлистувале нови, растел но никако да роди плод. Нешто како стерилно стебло лешник. Дрвото би било среќно и кога би родило само едно лешниче. Но ништо…
Минувале години. Болката на лешникот го убивала чувството за неговиот стоти роденден. Дента пред да наполни точно 100 години при стеблото дошла една виличка…такво со крила. Леткала и пеела. Како во цртаните. Му рекла на стеблото „Во минатиот живот ти беше многу лош човек. Убиваше млади невини деца, убиваше се што ќе ти застанеше на патот, затоа сега си во оваа форма на живот. Проклетството што го повлече самиот ти, придонесе да твојот род ќе може да го продолжиш само еднаш на 200 години, со само едно родено лешниче. Откако ќе зачнеш со млад плод, ќе требаат уште 100 години за плодот-лешник да биде зрел. Откако ќе созрее, ќе треба да го фрлиш во земјата под тебе. Тогаш и да умреш, ќе има кој да го продолжи твоето име“. -така нешто. Значи на секои 100 години ќе можел да раѓа само 1 лешник и да чека уште 100 години за да може да го фрли во земјата за да ја продолжи својата лоза. Следниот ден, на неговиот 100ти роденден, од една затскриена пупка, при врвот на стеблото се појави млад зачеток на плод. Стеблото било пресреќно, а од друга страна внимателно да не го уништи плодот. Врвеле години, поминале 50, 60, 80, па дошла 99тата година. Дрвото, веќе старо, со возбуденост го очекувал моментот кога ќе може да се поздрави со овој живот и да го фрли своето чедо за да се размножи. Дента пред неговиот 200 роденден дрвото заплакало. „Двеста години чекав да дојде овој ден. Утре е моментот кога ќе можам мирно да си заминам и да примам нова форма на живот. Доста е веќе мачење. За сето тоа да не е залудно чекање и мачење низ болка и плач, ќе го пуштам моето единствено потомство во земјава за да ме наследи, се надевам нема да ја има истата среќа како неговиот татко“. Сонцето зашло.
На 200тиот роденден на лешникот денот светел посилно. Ветерот дувал поблаго и птиците пееле поубаво. Тоа бил денот кога лешникот требал да се ослободи од сета тежина што ја носел животот на дрво. 200 години живеел низ бура и пекол, дувал бесцелно, мирувал очекувајќи го својот пород. Тој ден беше последниот од неговиот живот, реши да му го подари на некој друг. На неговото прво доносче. Откако силно здувал, велејќи им збогум на се она што го имал сретнато низ неговите 20 децении, повеќе не зеде здив. Последниот звук кој лешникот го направи беше отпушвањето на младото плодче кое требало да се претвори во никулец и да го спаси името на неговиот татко. Плодот паднал врз ревка земја. Почнало да врне. Токму тоа што требало. Плодот влегол во земјата, здраво се закопал и си обезбедил мир во очекување на проникот.
Тогаш дошол еден бел и гладен црв. Влегол во плодот со само три загризи врз лушпата. Стигнал до јатката и почнал да ја гризе. Ја изел цела и се здебелил. Не можел да излезе повторно назад низ истиот отвор низ кој што влезе, бил претесен.
Црвот се загушил во шупливата лушпа на младото лешниче, убивајќи две работи. Плодот и 200-годишната желба на лешникот да се роди негово наследство.





