Интервју со Џемсен ван Амадео Торсен
Ви посакувам пријатно саботно претпладне. Се надевам додека се будите и го пиете утринското кафе/фрапе ќе имате пријатно расонување со зборовите на познатиот автор од Холандија кој веќе 10 години живее и создава во Белгија.
Неговите добро познати песни “Zing aan vreugde” и “Heb wat van het” од топ албумот “Dagdroom” од 2005г. ја разнесоа славата на овој познат музичар насекаде низ светот. Ја имав таа чест да бидам на маса со него и да го интервјуирам за состојбата на младите уметници и делата кои денес се создаваат и кои денешницата ги конзумира. Се разбира, не сум многу компетентен да поставувам конкретни стручни прашања, но она што мене ме интересираше беа мотиви кои се иницираа поради две работи:
- Џемсен е директен потомок на големиот маестро Волфганг Амадеус Моцарт
- Џемсен е стар и искусен музичар кој својата кариера ја завршува со текстот „de creativiteit is vrij, vangt het niet“ кој на македонски би било „креативноста е слободна, не ја заробувајте“.
Овие зборови веројатно протекле низ неговиот ум спонтано. Тој не знае за она што ние го промовираме и она што го правиме. Џемсен не знае за Creative commons, слободен софтвер, отворени формати. Тој знае за акорди и музика. Единствена забелешка која ми смета е тоа што низ неговите зборови се забележува тежнеење кон тоа што останало од неговиот предок како семејно наследство и кое, според фам. Амадео Торсен се обезвреднува и кради на немил начин. Тоа се акордите што Моцарт ги запишал уште кога бил во цутот на шармот со кој ги освојувал Виенските девојки. Ова се разбира не е баш и така како што сега си помислувате. Проследете го интервјуто.
- Господине Џемсен, како ќе го направите ова летно утро полабаво и опуштено за сите кои ќе ги прочитаат Вашите зборови?
- {се смее} Немам намера да изигрувам кловн од сабајле. Тоа е за касните часови кога сум со г-ѓа Фрида. {се смее}
- Но Вие важите за човек кој на своите настапи особено е ценет по своите маестрални говори кои помеѓу изведбите ја засмејуваат и уште повеќе освојуваат публиката…
- Да, насмевката секогаш преовладува на моето лице. Тоа е она што мислам дека секој уметник го прави ведар и пријатен за восприемање од публиката. Ако јас не го правев седењето во тврдите седишта по салите каде настапував меко и комотно, сега веројатно немаше и да ме читаат во Македонија.
- Ако пред 100 години луѓето сакаа да се берат во кругови и да слушаат приказни од постарите, пред 50г. сакаа да пијат рум и пушат пури облечени во елегантни одела со принципиелни движења, што е тоа што денес луѓето сакаат да го прават, а се инспирирани од уметноста?
- Пред 100 години луѓето сакаа само да седат во нивните домови и да водат љубов. Струјата беше слаба, често ја исклучуваа навечер. Немаа што да прават. Затоа имаа многу деца {се смее}. Ако видиме што денес луѓето сакаат да прават…т.е. што тие прават, може малку да се уплашиме. Денес луѓето не знаат да оценуваат. Тоа е нивниот главен проблем. Не знаат да оценуваат и не знаат да пресудат. Судот често е добар предуслов за да се донесе квалитетна оценка за тоа што е добро, а што лошо. Нас денес црквата не учи дека судењето е лошо затоа што, нели, како судиш така ќе ти биде судено. Но тие кои треба да ги сменат работите на подобро едноставно тонат во уште подлабока кал или малку грубо кажано гомна, не знаат да го направат тоа. Седат по цели вечери пред своите компјутери, озборуваат со пријателите или шират болести по праксата на водење љубов со различни партнери..па не…не знам како да одговорам. Едноставно, денес луѓето прават многу работи, само ништо од тоа не е интересно за старец како мене..
- Па и не сте така стар…хаха..во ред, постоењето на квалитетен живот речиси секогаш е инспирација за авторите да создаваат квалитетни дела. Ако според Вас, квалитетниот живот не постои, од каде инспирацијата на денешните уметници кои создаваат брилијантни дела?
- Благодарам на комплиментот. Квалитетниот живот може да се протолкува на различни начини. Замислете соул композитор кој црпи инспирација од тешкотиите и бавната моторика на животот, замислете метал автор кој тоа го црпи од трагедијата на неоткриената суштина на животот и замислете индиски свештеник кој компонира во името на Бог, затоа што ја нашол крајната цел. Тоа се три видови на квалитетен живот. И сите тие можат да бидат добри уметници. Ако сакаме да видиме од каде ја црпат инспирацијата треба веројатно да зборуваме со нив, и од сите нив ќе добиеме различни одговори. Мора да знаеме кој е нивниот восприемач. За кој ќе биде таа песна на Бритни напишана од некој чичко со докторска дисертација на некој музички Универзитет, за кој Бритни никогаш и не чула…или..за кого е “Sweet child oh mine?” напишана од цел состав музичари, со конкретна цел и веројатно не во името на парите?
- Дали сето тоа значи дека ако уметноста се создава без да се гледа кој ќе ја конзумира е вистинска уметност? Дали уметноста е или ќе е тоа што треба да е, без публиката?
- Се разбира дека не. И се разбира дека да…уметникот го прави тоа што го прави од причини кои проникнале во неговата глава. Мојот прапра-дедо (впрочем му е подалечен и од прапра дедо) Моцарт, има измислено толку многу нови работи во музиката. Видете како денес сите тие музичари безмилосно ја унаказуваат потта на мојот предок…{пауза…збунка..} не ви се допаѓа ова што го кажав? Па зошто, денес има многу уметници кои ќе направат нешто со сила и над сето тоа ќе кажат дека е апсолутно нивно…срамота. Да ставиш забрана врз труд кој си го склопил насилно и со силување на интуицијата и инспирацијата е исто како да натераш мајка да ти роди дете, да и го чапнеш од раце и да и кажеш дека не смее да го дои..апсолутен нонсенс. Нема логика…{се гледа во небото} Ако вие се грижите за тоа како Вашето дело ќе изгледа пред другите, тогаш правите пари, ако Вие се интересирате како другите ќе гледаат на Вашето дело, правите уметност. И публиката не може без уметникот и уметникот не може без публиката. Сепак, уметноста ќе си остане уметност и без двајцата.
- Сакате да кажете дека делото откако ќе се создаде треба да биде … какво?
- никакво. Тоа ќе е. Не треба да биде некакво за да е. Тоа е. Ако се создаде, тогаш тоа созреало и ја исполнило својата цел. Ја достигнало својата нирвана и може да се пушти во процесот на реинкарнација. Нека други го доработат ако имаат ташаци..зарем треба да кажам дека F#maj7 акордот и Gmaj6 се мои само затоа што мојот дедо ги направил „популарни“ и редовно користени од останатите автори? Зарем може првиот музичар на светот, кој веројатно бил без говорна способност {се смее} и само мумлал да каже дека тонот „До“ е негов? Или уште побизарно, дали може вселената да каже дека тонот кој се чул кога БигБенг блеснал е нејзин?? Ако да, тогаш се што припаѓа на некому е универзално, затоа што првиот тон е вселенски, тонот на БигБенг е вселенски, а од таму произлегува се друго…уметноста се создава само затоа што се раѓа во нечија глава. Ако некој сака потоа да манипулира со неа, тогаш тој е мајмун.
- {пауза…} Изненаден сум од Вашите прекрасни зборови. Сте чуле ли за Линукс?
- Линес беше една прекрасна девојка од мојата младост…не ја знаете..
- хаха…не. Како и да е, дали сметате дека уметниците кои го изведуваат делото или тие кои се грижат за неговата судбина, издавачките куќи, се виновни ако тоа дело стане заробен труд зад рестриктивни авторски права.
- Па тогаш тоа не се права. Тоа се авторски неправа {се смее цинично} Сепак постои една мала разлика која дава одговор на твоето прашање. Ако уметникот дозволи некој друг да му го гази авторскиот труд, тогаш што се случува со неговото идно творење? И кога велам гази, не мислам на ништо друго, освен дозволување да некој друг одлучува какво дело по типот на пристапност ќе биде тоа. Дали секој ќе може да пристапи кон него, дали секој ќе може да го препее на некој роденден или забава? Тие кои дозволуваат други да ги бркаат овие работи се дечките од MTV и MMM. И тие се за никаде. Уметност? Пфф..{прснува да се смее}
вториот дел е во подготовка





