Вики, секси девојката од Лугола
Иако често оспорувани и критикувани локализираните материјали се, и тоа како, од важност за нашата заедница. Кога велам заедница не мислам на заедницата на слободен софтвер или поддржувачите на слободната култура, туку заедница на лица кои ја користат мрежата. Со оглед на тоа што мрежата стана навистина моќна работа и, пази ова, непресушен извор на информации, од голема важност е да секој активист или организирано делување има свој ресурс каде ќе ги објавува своите цели и намери. На почетокот голем дел од упатствата и помошните документи се објавуваа на www.linux.net.mk, но со текот на времето се поактуелни стануваа Вики сајтовите каде заедницата може сама да го гради она што смета дека ќе задоволи некој друг аспект на човечките потреби. Комуникацијата и веќе не е важна. Во слободата на мрежата која ја уживаме, и се надевам ќе потрае за долго време, апсурдно е да се кажува што може да оди онлајн, а што не. Затоа избравме сајт каде заедницата и корисниците ќе можат сами да допринесуваат за развојот на помошната документација и општите енциклипедиски содржини. Затоа се формира Вики на слободен софтвер, првично познато како Викито на Лугола. (продолжи)
Сето ова во пресрет на настанот каде треба да се презентира Вики за слободен софтвер, Наградата на светскиот самит за информатичко општество, моето гледиште на тоа како слободните содржини овозможуваат развој на едно општество или пак без толку големо залетување, како слободните содржини помагаат на секого поединечно и како секој поединечно помага на другарчето.
Наши заеднички цели и визии, се промоција на слободниот софтвер и доближување на напредните можности на овој тип технологија до крајните корисници. Тоа би било речиси невозможно без интервенција на некој поискусен. Ако се земе во предвид разгранетоста на знаењето во нашата земја (има многу глави од кои излегува по нешто паметно), би било жално сето тоа да не може да се складира на едно место од кое другите потоа би учеле. На тој начин ќе се олесне работата и за корисникот, а и на активистите, со тоа што нема да има потреба од постојано повторување на исти одговори за едни те исти прашања. Па така, создавањето на центрирана база од каде што ќе може да се црпи знаење за слободната култура е неизбежно. Па зборот со сиот негов метаморфозен сјај го прави она што е и суштината тоа на кое тој го гради - се менува. По извесно време целиот контекст може да се измени и да дојде до потреба за изменување на субстанцата. Во тоа лежи и моќта на оној кој прв тоа ќе го забележи. Така играјќи си кој е подобар во правење на нешто подобро, ќе се добие содржина која ќе биде актуелна и ажурирана соодветно со материјата која ја опфаќа. Тоа е и помагање на слободната култура, која вели дека мора да постојат Вики содржини слободни за секого, а што е многу поважно и каде што навистина треба многу повеќе акцент од наша страна, ќе се помогнат почетните корисници на слободен софтвер од кои може да се направат квалитетни хакери и напредни активисти.
Имаше моменти кога често помислував дека Вики е чабе создадена девојка и попусто зафатен простор на мрежата. Меѓутоа како времето врвеше, сфатив која е големината на еден ваков волонтерски и амбициозен потфат. Амбициозноста можеби и се содржи во тоа што одговорност за тоа што му се прикажува на корисникот кој ги чита неговите содржини паѓа целосно на иницијаторите на ова Вики, без разлика што не се знае која автор ја напишал која статија. Знаењето кое секој еден го поседува нема право да го затвори длабоко во себе, затоа што и негова природа е кога ќе го прашате да Ви помогне, тоа едноставно излетува од нас, без разлика колку го стегаме и затвораме. И затоа што идејата не е наша сопственост и таа треба да се планира внимателно, и реализира глобално се созадава појдовна точка за се она кое е на некој начин поврзано со слободниот софтвер/култура, наша база со знаење.
Концептот по кој се води Вики за слободен софтвер опфаќа два поделени типови на содржини, енциклопедиски, каде се опфатени општи информации за тоа кога, каде и што некој и нешто се случило, започнало или реализирано и упатствен, каде се опфатени упатства и водичи за корисници за конкретни теми. Многу битно е да посветиме внимание на вториов дел, бидејќи со практични совети за работа со слободен софтвер доаѓаме до негова поголема експлоатација на корисниците кои се среќаваат со него. Од друга страна не треба да се занемари и екциклопедиската содржаност, бидејќи посетителите на Вики за слободен софтвер доаѓаат од различни професии и интереси и се луѓе со иста важност како и корисниците на слободен софтвер, па потребата за тоа од кога ОДФ станува официјален ISO стандард или што го мотивира Richard Stallman да го создаде сето ова кое ние денес го уживаме, лесно можат да ја задоволат со неколку кликови и искористување на едноставната шема за употребливост на овој сајт. И само уште збор два за употребливоста..
..Вики за слободен софтвер е W3C валиден сајт што вели дека одговара на стандардите на W3C. Меѓутоа и без официјалното „признание“ за валидност според светските стандарди, се обрнува постојано внимание за неразделноста на содржините и категориите, се работи против прекумерна поделеност (практично постојат само две главни категории на целото Вики, слободна култура и привремено). Практично целиот сајт „го исцртува“ она што сакате да го видите, функционира на принципите на другите Вики сајтови (пр. Википедија, кој го користи истиот MediaWiki софтвер), па така ни пишувањето содржини не е тешка активност за тие кои сакаат да го форматираат со Вики синтаксата.
Вие можете да помогнете доколку, се разбира, пишувате и преведувате текстови и упатства за Вики, доколку користите упатства и референтни врски до Вики, доколку ги работите Вашите семинарски текстови според содржините на Вики, доколку кажете во вашиот медиум, печатен или електронски, за Вики за слободен софтвер и на уште многу други начини. Најдете начин и сторете го тоа.
Знам дека текстот делува како тешка рекламна кампања на некој комерцијален производ, но во прилог на тоа што Вики за слободен софтвер е номиниран сајт во категоријата Е-учење на WSA, едно глобално видување за тоа која е важноста и кој е патот до развојот на ваков тип софтвер. До крајот на оваа година планираме Вики за слободен софтвер да изброи над 1000 содржини.





